Секое дете заслужува да расте во средина исполнета со љубов, поддршка и разбирање. Во таа насока, беше остварена посета на здружението „Во мојот свет“ во Општина Ѓорче Петров, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и заменик-министерот Ѓоко Велковски.

Посетата претставуваше силна и инспиративна средба со родителите, како и со децата и младите со аутистичен спектар, чија енергија, искреност и храброст оставаат длабок впечаток. Во рамки на здружението, функционираат Дневни центри за деца до 14 години и за млади од 14 до 26 години, каде вкупно 44 корисници добиваат индивидуализирана грижа, поддршка и внимание.

Во овие центри, корисниците не се третираат само како приматели на услуги, туку како рамноправни членови на заедницата, каде нивниот потенцијал се препознава, развива и охрабрува.

Општината останува цврсто посветена на унапредување и одржување на ваквите услуги. Со склучување на нов управен договор, се обезбедува континуитет, стабилност и долгорочна поддршка за работата на здружението „Во мојот свет“. Овие активности се дел од пошироката заложба за создавање инклузивно општество во кое секој граѓанин има можност за достоинствен живот.

Инклузијата останува приоритет – не само како концепт, туку како реалност што се гради преку конкретни мерки, посветеност и соодветна институционална поддршка.

Општина Ѓорче Петров продолжува да се развива како заедница отворена за сите.

Share