По повод 17 Март – Денот на формирањето на Црвениот крст на Република Македонија и Денот на крводарителството, во Општина Ѓорче Петров, во соработка со Црвениот крст, денес беа доделени благодарници и признанија на крводарители и поддржувачи на хуманитарните активности.

Станува збор за граѓани кои не бараат внимание, но секогаш се тука кога е најпотребно – луѓе кои со својата хуманост директно спасуваат човечки животи.

Признанија им беа доделени на:
Анита Велкова, Горан Јанев, Стефан Георгиевски, Моника Палоска и Марко Дабески.

Посебна благодарница му беше доделена на Владимир Блажески за значајниот јубилеј – 50 дарувања крв, како редок и вреден пример за посветеност и хуманост.

Во рамки на настанот, признание за поддршка на хуманитарните активности беше доделено на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, како и на Драган Трпески, вработен во Општината.

Градоначалникот Стојкоски во своето обраќање посочи:

„Хуманоста не се докажува со зборови, туку со дела. Денес оддаваме признание на луѓе кои без двоумење даваат дел од себе за некој друг да има утре. Тоа е вредност што не може да се измери, но може да се почувствува во секој спасен живот. Нашата обврска како институција е да ги поддржиме и да создадеме услови оваа хуманост да продолжи да живее и да се пренесува.“

Општина Ѓорче Петров и понатаму ќе продолжи да ги поддржува сите иницијативи што го зајакнуваат чувството на заедништво и солидарност во општеството.

Share