Општина Ѓорче Петров денес направи значаен чекор кон унапредување на образовниот процес преку потпишување меморандум за соработка со Здружението „Џуниор Ачивмент Македонија“.

Со овој меморандум, официјално започнуваат активностите на здружението во сите основни училишта на територија на општината, со што Ѓорче Петров станува првата општина во државата каде програмата ќе се реализира и во основното образование.

Меморандумот предвидува реализација на проекти и едукативни активности насочени кон зајакнување на знаењата и вештините на учениците во областа на циркуларна економија, компјутери и дигитализација и екологија.

Целта е поттикнување на претприемничкиот дух кај учениците уште од најрана возраст, како и развивање на финансиска писменост, иновативност и критичко размислување.

Во следните четири месеци се предвидени обуки за заинтересирани наставници и организација на натпревар кој ќе вклучи голем број основци од општината

„Џуниор Ачивмент Македонија“ од 2017 година реализира обуки и работилници за претприемничко образование и финансиска писменост, а во изминатите осум години програмите успешно се спроведуваа во средните училишта. Со оваа соработка, за првпат активностите се прошируваат и во основното образование.

Општина Ѓорче Петров продолжува посветено да инвестира во квалитетно и модерно образование, препознавајќи дека вложувањето во младите генерации претставува вложување во иднината на заедницата.

Share