На нова паркова површина од над 31.000 квадратни метри која ќе изобилува со зеленило, уредени патеки, спортски, забавни содржини и осветлување стартуваше изградбата на мега-паркот во Ново Село.
Почетокот на изведбата го означија градоначалниците на Ѓорче Петров и на Скопје, Александар Стојкоски и Данела Арсовска. Ова е заеднички проект реализиран од страна на двете институции.
Паркот ќе биде од исклучително значење за нашата општина, за околу 45.000 жители кои ќе го посетуваат и во него ќе го поминуваат своето слободно време.
-Дрвјата што ќе се засадат во овој парк ќе растат заедно со нашите деца, како потврда за напорите што јас и градоначалничката Арсовска ги вложуваме за зазеленување на јавните површини и за поздрава и почиста животна средина – изјави Стојкоски за медумите.
Ова е прв капитален проект од ваков тип што се реализира во Ѓорче Петров. Претходно, оваа површина беше депонија која ја загадуваше целата околина.