Општина Ѓорче Петров во реонскиот парк со повеќе дневни и вечерни настани го одбележа 20 септември – Ден на општина Ѓорче Петров.

Свеченоста почна со положување цвеќе на споменикот на револуционерот и патрон Ѓорче Петров. Општината одбележа 106 години населено место, 26 години посебна локална единица во градот и 77 години како општината го носи името на големиот Македонец, Ѓорче Петров.

-Денеска е денот кога општината доби свој идентитет. Го славиме името на еден од најмаркантните историски ликови кои своевремено и на сите можни начини се обидувал низ историјата да ја сочува посветеноста што ја негувал кон својата татковина.

Ја негуваме нашата општина токму по примерот на Ѓорче Петров – како што тој ја негувал љубовта кон нашата татковина – рече градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски во своето обраќање пред присутните.

Се грижиме за ова населено место, додаде, како што тој се грижел за сопственото парче света земја.

-Чест е да се учи љубов кон територија од човек каков што бил Ѓорче Петров. Честит 20 септември-Ден на општина Ѓорче Петров. Да живее Република Македонија – порача Стојкоски. 

Share