Советниците на општина Ѓорче Петров го изгласаа Буџетот на општината во вредност од 359.182.303,00 денари.
Буџетот е изработен тргнувајќи од основните цели за фискална стабилизација, економичност, рационалност во трошењето на буџетските средства и намалување на сите непродуктивни трошоци.
Најголем процент од вкупните расходи припаѓаат на следниве категории на расходи: капитални расходи – 39,16 проценти од вкупните расходи, потоа следуваат расходите за набавка на стоки и услуги – 38,09 проценти и плати и надоместоци во износ од 16,60 проценти.
Во буџетот на општината за следната година предвидени се средства и за реконструкција на улици, изработка на проекти за изградба на градинки и улици, изградба на игралишта, спортски терени, детски катчиња и пречистителни станици.
Во 2023 година со средства од буџетската каса предвидени се и дигитализација на услугите за граѓаните, изработка на урбанистички планови, нови капацитети за водоснабдување, еднократна парична помош за ранливи категории и новороденчиња, поддршка за спортисти и спортските клубови, заштита на животна средина, јавна чистота и култура.
При изработка на буџетот земени се во предвид и идеите и потребите на граѓаните кои општината ги доби по пат на јавна анкета и отворен ден со граѓаните.