Општина Ѓорче Петров во изминатиот период интензивно работеше на уредување на локалитетот Крст – Кучково, се со цел ѓорчепетровци да имаат убаво уредено катче каде што ќе можат да се рекреираат во текот на убавите сончеви денови и за време на викендите.
Проектот кој веќе е генерално финиширан и се работи на завршни детали резултираше со масовна посетеност како од граѓаните на нашата општина, така и од посетители од другите населени места во Скопје.
Изминатите два викенди ова место го посетиле над 5.000 луѓе, со што можеме да утврдиме дека е зголемена фреквенцијата на луѓе, а со тоа и фрлањето на отпадоци од храна и пијалоци е во зголемен обем.
-Ние како општина во изминатиот период поставивме корпи за отпадоци, како и два големи контејнери кои што служат за складирање на отпадот, но и покрај тоа сепак се забележува несовесно фрлен отпад и по зелените површини во околината. Како градоначалник апелирам до сите граѓани кои го посетуваат локалитетот да се однесуваат совесно и да го одлагаат отпадот на точно предвидените места за тоа, се со цел да ја задржиме хигиената на локалитетот Крст – Кучково и околината на високо ниво и со тоа да работиме на промоција на најубавото место за рекреација во нашата општина, апелираше градоначалникот Александар Стојкоски.
Општина Ѓорче Петров во наредниот период ќе работи на доуредување на локалитетот и на поставување нови помали корпи секаде каде што циркулира поголема маса на посетители.