На вкупна површина од 1.558 метри квадратни со капацитет од 150 деца денеска беше пуштена во употреба новата детска градинка „Сонце“ во Волково.

Во градинката се запишани деца од 9 месеци до 6 години кои од понеделник веќе ќе може да го посетуваат објектот.  Распоредени се во 7 групи од кои 4 воспитни и 3 јаслени групи за кои ќе се грижат 4 воспитувачи, 10 негувателки, или вкупно со помошно-технички персонал – 18 лица.

На отворањето се обрати градоначалникот Александар Стојкоски кој истакна дека чест му е што заедно со неговиот тим во изминатата година општината успеала да ги надмине сите пречки за отворање на објектот. Информираше дека со финансиско учество од 9 милиони денари во последните две години од страна на општината, и со заедничко учество на сите вклучени страни, денеска се отвора овој грандиозен објект.

-Направивме максимални напори градинката конечно да почне со работа. Тоа беше наша обврска и горд сум што ја реализиравме. Раниот развој е особено важен за децата. Токму затоа, со сите ресурси со кои располагаме, силно се залагаме да ги зголемиме капацитетите. Со отворањето на „Сонце“, значително го намаливме бројот на дечиња што со години чекаа на списоците за упис. Решаваме децениски проблеми во делот на згрижување и воспитно-образовен процес за нашите најмлади жители. Активно работиме на таа проблематика и продолжуваме со активности во правец на целосно елиминирање на овој проблем – нагласи Стојкоски.

Нашите деца се нашата иднина, рече Стојкоски, и тука нема дилема.

 -Заслужуваат најквалитетни услови во образовните институции. Ако сега работиме на добро образование за нашите потомци, тоа на долг рок значи добра иднина за државата – подвлече градоначалникот.

Тој информираше и дека општината веќе аплицирала со проект за нова детска градинка во Дексион, а изработен е и проект за нов објект во Стопански Двор. Одлична вест, додаде Стојкоски, е што работиме и на уште две локации за градинки во урбаниот дел на Ѓорче Петров.

Директорката на градинката „Росица“ од општина Ѓорче Петров, Даниела Темелкова во своето обраќање упати благодарност до општината која, како што рече, секогаш е на страната на децата.

-Во изминатиот период сите заеднички вложувавме напори за подобрување на условите и престојот на децата во градинките. Во соработка со сите вклучени страни, на овој начин направивме добробит за генерациите што доаѓаат и оставивме траен белег на оваа локација, нагласи Темелкова.

Share