Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денеска одржа годишна редовна координација за преземање превентивни мерки и активности за заштита од пожари и спречување од такви дејствија на отворено.

На средбата присуствуваа советникот за заштита спасување и управување со кризи Кире Ристовски, претставници од месните и урбани заедници, службата за теренски работи на Општина Ѓорче Петров и претставници од полициската и противпожарната станица-Ѓорче Петров. Договорени беа подготвителните активности во пресрет на летната сезона и покачените температури.

-Многу е важно да делуваме навремено и превентивно. Во периодот што следува ќе биде поделен информативен материјал меѓу населението со информација за превенција, пред се, од шумски пожари. Остануваме во постојана комуникација и координација, а очекуваме и упатства за следните чекори од Центарот и Дирекцијата за управување со кризи – информираше Стојкоски.

Во оваа насока, додаде, апелирам да бидеме особено внимателни при посета на шумските места низ општината во пресрет на празникот 1 Мај.

-Да се однесуваме одговорно кон природата и натаму да бидеме свесни и совесни со цел заштита на нашата околина – подвлече Стојкоски.

Share