Општина Ѓорче Петров го поддржа проектот „Филигрански Архипелаг 249“ на Марија Милошевска, кој преку уметноста и традиционалните занаети ја поттикнува креативноста на младите и придонесува за зачувување на културното наследство.

Во рамки на проектот се реализира работилница за изработка на филигран, наменета за учениците од осмо и деветто одделение, кои имаат можност непосредно да се запознаат со овој традиционален занает, да ги совладаат основните техники на изработка и да создадат сопствени дела што ќе бидат претставени на изложба.

Филигранот претставува значаен дел од традиционалното занаетчиство, во кој се спојуваат умешноста, трпението и креативноста. Преку ваквите активности, младите добиваат можност да ја запознаат вредноста на традицијата и да придонесат за нејзиното зачувување и пренесување на идните генерации.

Проектот има и меѓународна димензија преку поврзувањето со Музејот во Шибеник и организаторката од островот Муртер, со што се отвораат можности за културна размена, споделување искуства и воспоставување нови соработки.

Share