Општина Ѓорче Петров и Општина Кисела Вода потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на превенцијата од детското престапништво и создавање побезбедна и поттикнувачка средина за развој на децата и младите.
Со меморандумот се предвидува менторска поддршка од Советот за превенција на детско престапништво на Општина Кисела Вода за Советот за превенција на детско престапништво на Општина Ѓорче Петров. Преку размена на практични искуства, методологии и воспоставени модели на работа, ќе се работи на зајакнување на капацитетите и унапредување на превентивните активности.
Соработката опфаќа заедничко планирање, размена на знаења и ресурси, како и анализа на состојбите на терен. Посебен акцент ќе биде ставен на соработката со училиштата, надлежните институции и граѓанскиот сектор, со цел воспоставување одржлив модел на превенција што ќе одговори на реалните потреби на децата и младите.
Преку ова партнерство, двете општини ја потврдуваат својата заложба за меѓуопштинска соработка, споделување добри практики и преземање конкретни мерки за подобрување на безбедноста и благосостојбата на најмладите.
Општина Ѓорче Петров упатува благодарност до Општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Советот за превенција на детско престапништво за подготвеноста за споделување искуства и обезбедување поддршка во оваа значајна област.











