Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, го заокружи своето учество на Форумот на градоначалници на Обединетите нации во Женева, каде што учествуваше во дискусии и размена на искуства за прашања од значење за развојот на локалните заедници.

Во рамки на форумот, Стојкоски со свои забелешки и предлози за стратешкиот документ го истакна значењето на превенцијата, развојот на зелените јавни простори, зајакнувањето на отпорноста кон климатските промени и потребата од поголема поддршка за општините при реализацијата на конкретни проекти.

Преку учеството на овој меѓународен форум, искуствата и потребите на Општина Ѓорче Петров беа дел од пошироките дискусии за предизвиците и можностите со кои се соочуваат локалните самоуправи.

Средбите со градоначалници и меѓународни партнери отворија можности за размена на знаења, воспоставување нови партнерства и унапредување на идната соработка. Целта е овие контакти да се преточат во заеднички иницијативи и проекти што ќе донесат конкретни придобивки за граѓаните.

Општина Ѓорче Петров продолжува да ги следи меѓународните практики и да ги користи можностите за соработка, со фокус на создавање позелена, побезбедна и поквалитетна животна средина за сите граѓани.

Share