Во паркот во Ѓорче Петров, во близина на фонтаната, поставена е нова мини библиотека под отворено небо, со која книгите и читањето стануваат уште подостапни за сите граѓани.
Мини библиотеката е поставена како дел од иницијативата „Со љубов, од Европа“, во организација и со донација од издавачката куќа „Сакам Книги“. Ѓорче Петров е една од петте локации во Скопје каде што се реализира оваа иницијатива.
Концептот е едноставен – секој граѓанин може бесплатно да земе книга, да ја прочита и потоа да ја врати на истото место, за книгата да стигне до следниот читател.
Од Општина Ѓорче Петров упатуваат апел до граѓаните за заедничко чување и одржување на мини библиотеката, со цел таа да остане место каде што љубителите на книгата ќе можат да најдат интересни наслови и да уживаат во читањето во пријатна парковска атмосфера.
Од Општината ги повикуваат граѓаните да ја користат мини библиотеката, да ги чуваат книгите и да ја поддржат идејата за споделување на книгите и знаењето.


