Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денеска ги прими младите ракометарки од училишната екипа „АСТРА“ при ООУ „Тихомир Милошевски“, кои остварија извонреден успех на Спортските игри за млади – „Плазма“, освојувајќи го првото место на државно ниво во ракомет.

Со овој резултат, младите спортистки од Ѓорче Петров се изборија за учество на меѓународното финале во Сплит, каде што ќе ја претставуваат Македонија и ќе се натпреваруваат со свои врсници од земјите од регионот.

На средбата, градоначалникот им честиташе на ракометарките за постигнатиот успех и им посака успешен настап на претстојното меѓународно натпреварување.

-Овие девојки се најдобри во Македонија и се вистинска гордост за Ѓорче Петров. Зад нивниот успех стојат многу труд, дисциплина, спортски дух и посветеност. Убеден сум дека достоинствено ќе ги бранат боите на своето училиште, нашата општина и Македонија и на меѓународното финале во Сплит. Општина Ѓорче Петров ќе продолжи силно да ги поддржува младите, училишниот спорт и создавањето услови за нови генерации шампиони – рече Стојкоски на средбата.

Посебни честитки беа упатени и до наставничката и ментор Мирјана Гошевска, како и до сите наставници, тренери и родители кои со својата поддршка придонесуваат за развојот и успесите на младите спортисти.

Спортските игри за млади „Плазма“ претставуваат една од најголемите аматерски спортски манифестации за деца и млади во регионот, а пласманот на ракометарките од Ѓорче Петров на меѓународното финале е уште една потврда за квалитетот и потенцијалот на младите спортисти од општината.

Општина Ѓорче Петров останува посветена на континуирано вложување во спортската инфраструктура, училишниот спорт и поддршката на младите таленти.

Share