По повод 25-годишнината од загинувањето на македонските бранители кај месноста Љуботенски Бачила, во Општина Ѓорче Петров на локации каде се наоѓаат спомен-обележјата денеска беше одржана комеморација. Со највисоки почести беше одбележан споменот на хероите кои во 2001 година ги положија своите животи, бранејќи ја татковината, мирот и слободата.
На настанот присутни беа делегација од општината предводена од градоначалникот Александар Стојкоски, претставници на државните институции, припадници на Армијата и безбедносните сили, семејствата на загинатите бранители, како и бројни граѓани.
– Повторно сме собрани на ова местото на сеќавањето, пред споменикот кој засекогаш сведочи за храброста, пожртвуваноста и љубовта кон татковината на нашите сожители Раде Јанковски, Ивица Златевски, Томе Димовски, Томислав Настевски и Ацо Ангеловски, како и на нашите браќа Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев и Маријанчо Бошковски. Десетти август е ден кој не смее да се заборави, но и ден кога Македонија молчи од почит и се поклонува пред своите херои – рече градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски во обраќањето на споменикот во Волково.
Тој упати посебна порака до семејствата на загинатите бранители, нагласувајќи дека нивната болка е и болка на целото општество.
–Ниту еден збор не може да ја надомести загубата на син, сопруг, брат или татко. Но, постои нешто што како држава, општина и како народ сме должни да ви го ветиме – нивните имиња никогаш нема да исчезнат од нашата колективна меморија, и како и досега, со грижа и почит ќе продолжиме да се однесуваме кон нивните поколенија – рече Стојкоски.
Градоначалникот се обрати и до припадниците на Армијата и безбедносните сили, истакнувајќи ја нивната улога во зачувувањето на слободата и суверенитетот.
–Македонскиот народ отсекогаш знаел дека слободата не е подарок, туку дека таа се заслужува, се брани и се чува. Нашите бранители тоа најдобро го покажаа – додаде Стојкоски.
На крајот од обраќањето, Стојкоски повика на трајно зачувување на споменот за бранителите и на нивната жртва.







