Реализирана акција за чистење на локалитетот Крст во Кучково
Општина Ѓорче Петров, во соработка со питомците од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и Универзалната единица за заштита и спасување при Општина Ѓорче Петров, денес реализираше акција за чистење на локалитетот Крст во Кучково.
Акцијата беше организирана во рамки на цивилно-воена соработка, со цел подигнување на јавната свест за заштита на животната средина, одговорно однесување кон природата и зачувување на природните локалитети во општината.
Во текот на активностите, од зелените површини беа подигнати над 4 метри кубни отпад, со што значително се придонесе за почиста и поуредена средина на овој значаен природен локалитет.
Кучково претставува еден од најубавите природни предели во Ѓорче Петров и место кое има големо значење за рекреација, одмор и дружење на граѓаните. Затоа, неговото зачувување е заедничка обврска на институциите, граѓаните и сите општествено одговорни чинители.
Оваа акција е уште една потврда дека преку заедничко делување, одговорност и посветеност можеме да создадеме почиста, поздрава и поубава животна средина за сите граѓани. Општината ќе продолжи со активности насочени кон заштита на природата, уредување на јавните површини и поттикнување на одговорно однесување кон животната средина.
Општина Ѓорче Петров изразува голема благодарност до деканот на Воената академија, проф. д-р Ненад Танески, за соработката и поддршката, како и до питомците кои со својот ангажман покажаа висок степен на одговорност, дисциплина и љубов кон татковината и природата.






