Во Општина Ѓорче Петров во соработка со Агенцијата за вработување на Република Македонија и Локалниот младински совет денес се одржа информативен и едукативен настан посветен на можностите за младите, нивното вработување, личен развој и градење успешна професионална иднина.
На настанот беа презентирани мерки, програми и услуги кои им стојат на располагање на овие лица, со цел тие навремено да се информираат, активно да учествуваат и да ги искористат можностите за обуки, практикантство, стекнување нови вештини, вработување или започнување сопствен бизнис.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски на настанот истакна дека младите се најголемиот потенцијал на заедницата и дека инвестирањето во нивната иднина, претставува инвестирање во иднината на општината.
-Денес не зборуваме само за вработување, туку за можности, нови почетоци, личен развој и градење успешна кариера. Ги охрабрувам младите да бидат активни, да поставуваат прашања, да се информираат и да го направат првиот чекор. Овие мерки се создадени токму за нив – рече Стојкоски.
Општина Ѓорче Петров ќе продолжи да биде партнер на младите и да поддржува иницијативи кои придонесуваат за подобри можности во образованието, вработувањето, претприемништвото и личниот развој.
Преку вакви настани, локалната самоуправа, во соработка со надлежните институции и младинските структури, создава простор за директна комуникација, информирање и охрабрување на младите активно да ја градат својата иднина.




