По повод 5 Декември – Светскиот ден на волонтерството, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денес се вклучи во волонтерската акција на Црвениот крст, придонесувајќи во служба на заедницата и нашите сограѓани.
Под мотото „Секој придонес е важен“, акцијата потсети дека дури и најмалите дела можат да имаат огромно значење за оние на кои им се помага.
Овој ден се одбележува заедно со повеќе од 17 милиони волонтери ширум светот и е ден посветен на хуманоста, солидарността и на сите што несебично го даруваат своето време за доброто на другите.
Црвениот крст на Република Македонија го истакнува волонтерството како темелна човечка вредност што создава силно, емпатично и одговорно општество. Принципите на организацијата – хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволност, единство и универзалност остануваат патоказ и за локалната заедница.
Општина Ѓорче Петров упатува благодарност до сите волонтери кои секојдневно несебично придонесуваат кон подобра заедница.



















