По серијата пожари што вчера зафатија неколку локации на територијата на Општина Ѓорче Петров, утрово се одржа состанок на Општинскиот кризен штаб на кој беа разгледани настаните, утврдени предизвиците на терен и беа донесени конкретни заклучоци за унапредување на координацијата и реакцијата при идни интервенции.

Во услови на силен ветер и отежнати временски услови, благодарение на навремената интервенција и целосната ангажираност на сите служби, пожарите беа локализирани без човечки жртви и со минимални материјални штети.

„Во текот на целиот ден бев на терен и лично сведочев на пожртвуваноста и организираноста на сите служби, како и на храброста и солидарноста на нашите сограѓани. Ѓорче покажа дека знае да се справи кога е најтешко. Сите заедно, како едно“, изјави градоначалникот Александар Стојкоски.

На состанокот на Кризниот штаб беа донесени мерки за:

  • поефикасна координација помеѓу институциите,
  • побрза мобилизација на ресурси на терен,
  • јасна комуникација и редовна проверка на потенцијално ризични подрачја.

Градоначалникот Стојкоски упати искрена благодарност до Армијата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Противпожарната бригада на Град Скопје, Дирекцијата за заштита и спасување, како и до поединци и жители на општината кои доброволно се вклучија со сопствена механизација и помош во гаснењето на огнот. Општина Ѓорче Петров останува целосно мобилизирана и будно ја следи состојбата на терен, со јасна определба за брза, навремена и сеопфатна заштита на граѓаните и јавните добра.

Share