Службата на Општина Ѓорче Петров стартуваше со расчистување на теренот на поранешното тениско игралиште во дворот на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ – простор кој наскоро ќе добие целосно нов и модерен изглед.
На ова место ќе се изведе ново школско фудбалско игралиште по сите современи стандарди, наменето за децата од училиштето, но и за други корисници.
-Нашите заложби за правилен развој и насочување на децата кон спорт се видливи. Ова е еден пример како да им се овозможи на најмладите жители на Ѓорче Петров да имаат соодветни услови за рекреативен и професионален спорт. И тука не застануваме. Имаме проекти со кои ќе ги мотивираме младите генерации да се одлучат за спортски активности, што е особено важно при нивниот психо-физички развој – рече градоначалникот Александар Стојкоски кој денеска ја посети локацијата што е во тек на подготовка.
Ѓорче Петров, како што додаде, е синоним за добар фудбал, квалитетен ракомет, успешни кошаркарски имиња, млади кои ги освојуваат пинг-понг и бокс терените и ние сме горди на нив.
-Токму затоа, Општина Ѓорче Петров ќе продолжи на различни начини да ги стимулира младите што повеќе да водат спортски живот- истакна Стојкоски.

Share