Во основните училишта во општина Ѓорче Петров под мотото „Сите сме еднакви“ со повеќе настани се одбележа 3 декември-Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.

Општина Ѓорче Петров особено внимание обрнува на инклузијата на оваа категорија деца во сите сфери. Во основните училишта во Ѓорче Петров настава посетуваат 97 лица со посебни потреби, а ангажирани се 16 образовни асистенти кои им помагаат во секојдневните училишни обврски.

На образовните работилници и игровни активности во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ по повод 3-ти декември присуствуваше градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Во обраќањето пред присутните истакна дека му е особено драго што има можност да присуствува на настани поврзани со овој ден, но и дека ќе се потруди вакви активности и активности врзани со инклузија на децата со посебни потреби да се одвива и во останатите 364 дена од годината.

-Ќе се потрудам да обезбедам што подобри услови за децата со потешкотии во развојот со обезбедување соодветни простории и нагледни средства – додаде Стојкоски.

Градоначалникот воедно ја посети и ресурсната соба во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ која беше отворена пред неколку месеци каде дефектолог работеше со неколку деца со посебни потребни, а беа вклучени и нивните образовни асистенти. 

Share