Советниците на денешната седница го изгласаа Буџетот за 2022 година. Основниот буџет на општина Ѓорче Петров изнесува 586.346.647,00 денари, а вкупниот 907.185.634,00 денари.
Со новата проекција на општински средства предвидени се доополнителни средства за доградба на две нови детски градинки во состав на градинките во Хром и во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, за доградба на три основни училишта и за реконструкција на дел од кровот на ООУ „Страшо Пинџур“.
Буџетот предвидува и средства за решавање на проблемот со водоснабдувањето во Кучково, нови инфраструктурни зафати во делот на улици, канализациона и водоводна мрежа, изградба на нови детски игралишта и за поставување нова урбана опрема, подигнување нови зелени површини, реконстуркција на месните заедници, како и дигитализација на општинската архива.
-Даваме поголема поддршка за училишниот спорт, а ќе вложиме поголеми напори и за инклузија на лицата од сите ранливи категории. И покрај тековните задолжувања и проекти кои ги префрламе во 2022 година како буџетска, успеавме да изнајдеме простор да планираме нови средства кои ќе бидат во функција на сервисирање на секојдневните потреби на граѓаните. Генерално, 2022 година треба да биде година во која пред се финансиски ќе ја стабилизираме општината, а истовремено да излеземе во пресрет на потребите на граѓаните – рече градоначалникот Александар Стојкоски.
Со Буџетот за 2022 година за прв пат се регулира ангажирањето на комуналните работници и се воведуваат субвенции за велосипеди од вкупно 150.000 денари.
На денешната седница советниците дадоа „зелено светло“ и за програмите за работа на секторите за 2022 година.