Општина Ѓорче Петров продолжува со реализација на конкретни инфраструктурни проекти насочени кон зголемување на безбедноста и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
На потегот од последна автобуска станица на линијата 22 до обиколницата реализирана е изградба на нова мрежа на улично осветлување во должина од 700 метри. Во рамки на проектот поставени се 23 нови канделабри со високо ефикасни и штедливи ЛЕД светилки.
Со поставувањето на новото осветлување значително се зголемува безбедноста на сите учесници во сообраќајот – возачите, пешаците и рекреативците кои секојдневно го користат овој потег. Дополнително, употребата на современи ЛЕД светилки овозможува енергетска ефикасност, намалена потрошувачка на електрична енергија и пониски трошоци за одржување.
Општина Ѓорче Петров останува посветена на плански, одговорен и континуиран развој на инфраструктурата, со цел создавање побезбедна и поуредена средина за сите граѓани.









