Со многу насмевки, позитивна енергија и искрена радост, денес во Реонскиот парк во Ѓорче Петров се одржа првата Полуматурска парада 2026, настан кој обедини повеќе од 500 полуматуранти од сите шест основни училишта на територијата на општината.
Полуматурантите, придружувани од своите наставници, родители и другари, заедно го одбележаа завршувањето на едно значајно поглавје од своето образование и почетокот на новите предизвици што ги очекуваат.
Настанот беше збогатен со настап на зурли и тапани, македонски народни песни и ора, преку кои полуматурантите испратија порака за почит кон традицијата, културното наследство и националниот идентитет.
Во рамки на парадата беа доделени признанија за ученик и наставник на генерација од секое основно училиште, избрани со гласање од самите ученици, како симбол на почит кон знаењето, посветеноста и личниот пример.
Меѓу највпечатливите моменти беше и потпишувањето на полуматурските маици, на кои учениците си оставаа пораки, желби и потписи како траен спомен од генерацијата 2026 и од годините поминати заедно во училишните клупи.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, упати честитка до сите полуматуранти и порача:
„Денес е ден за паметење. Ден исполнет со емоции, радост и гордост. Ви честитам за постигнатиот успех и за трудот што го вложувавте низ годините. Продолжете да сонувате големи соништа, да учите и да верувате во себе. Вие сте иднината на нашата општина и нашата држава. Честито полуматурци, наша гордост сте!“
Со оваа манифестација, Општина Ѓорче Петров поставува темел на нова традиција која во иднина ќе ги обединува младите генерации, ќе ги негува македонските културни вредности и ќе го одбележува завршувањето на едно значајно поглавје во нивното образование.
Општина Ѓорче Петров останува посветена на поддршката на младите, создавањето подобри услови за образование и поттикнувањето на вредностите кои ќе ги водат новите генерации кон успех.
На сите полуматуранти им посакуваме многу успех, нови пријателства и исполнување на нивните соништа во годините што следуваат.





