Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, учествуваше на меѓународната средба во рамки на проектот „Green B-LEAF“, посветена на зеленото буџетирање и активното учество на граѓаните во создавањето одржлива и зелена иднина.
Во рамки на средбата, градоначалникот Стојкоски ги презентираше инвестициите и проектите на Општина Ѓорче Петров со кои заштитата на животната средина се поврзува со секојдневните потреби на граѓаните.
Во таа насока, посебен акцент беше ставен на проектот за нов парк во Волково, воведувањето еколошки системи за греење во јавните објекти, подобрувањето на енергетската ефикасност во училиштата и градинките, како и поставувањето фотоволтаици и искористувањето на обновливите извори на енергија.
Општината продолжува да вложува и во мерки кои директно придонесуваат за подобар квалитет на живот, меѓу кои се субвенциите за велосипеди и клима-уреди, како и создавањето нови и современи простори за најмладите, вклучително и екоигралиште за детска игра во здрава и зелена средина.
На меѓународната средба беше истакнато и значењето на учеството на граѓаните во креирањето на локалните приоритети. Нивните потреби се важен дел од насоката во која се развива општината, а општинскиот буџет треба да носи конкретни и видливи придобивки за секое семејство.
Средбата беше можност за размена на искуства, идеи и добри практики во областа на зеленото буџетирање и одржливиот локален развој.

















