Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски ги посети инспекторите и полициските службеници од ЕВР Ѓорче Петров, каде што лично им се заблагодари за брзата реакција, професионалноста и посветеноста во постапувањето по двата трагични настана во кои животот го загубија двајца наши сограѓани.

Приведувањето на четворицата осомничени претставува значаен чекор во расветлувањето на случаите што длабоко ја потресоа локалната заедница. Во вакви тешки моменти, одговорното и професионално постапување на полициските службеници е од особено значење за безбедноста на граѓаните и за довербата во институциите.

Градоначалникот Стојкоски изрази искрено сочувство до семејствата и блиските на починатите, нагласувајќи дека загубените животи се ненадоместливи, а целосното утврдување на фактите и одговорноста е обврска на надлежните институции.

-Им благодарам на инспекторите и полициските службеници од ЕВР Ѓорче Петров за вложениот труд, професионалноста и грижата за нашите сограѓани. Секој човек заслужува да се чувствува безбедно во својот дом и во својата општина – истакна Стојкоски.

Општина Ѓорче Петров изразува почит кон работата на полициските службеници и останува посветена на унапредувањето на безбедноста и благосостојбата на сите граѓани.

Share