Општина Ѓорче Петров денеска го означи стартот на изградбата на новата детска градинка во урбаната заедница Дексион, објект кој ќе претставува модерен, безбеден и топол простор за најмладите жители на општината.
На настанот присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски чија поддршка претставува силен поттик за унапредување на условите за ран детски развој.
Објектот е со површина од 900 м² со капацитет од 120 деца. Рокот за изградба е две години, а инвестицијата на општината изнесува 81.964.479,19 денари со ДДВ.
Објектот е проектиран според највисоки европски стандарди за безбедност, пристапност и енергетска ефикасност, со занимални, голем централен хол, современа централна кујна, целосна пристапност за лица со попреченост, детски игралишта, зеленило, урбана опрема, топлински пумпи и соларен систем за пониски трошоци.
Со пуштањето во употреба на градинката ќе се обезбедат нови места за прием на деца, ќе се намалат листите на чекање, ќе се отворат нови работни позиции и ќе се растоварат постојните капацитети.
– Континуирано вложуваме во образованието, раниот детски развој и создавање современи, безбедни и достоинствени услови за најмладите жители на Ѓорче Петров. Со овие проекти градиме иднина која е стабилна, квалитетна и насочена кон семејствата и децата – истакна градоначалникот Александар Стојкоски во изјава за медиумите.
Новиот објект во Дексион е уште еден чекор во насока на подобрување на условите за предучилишна возраст, а градинката која исто така е во изградба, а со локација во Стопански Двор е показател дека нашата визија е секое дете во Ѓорче Петров да има пристап до современи и квалитетни услови за растење и учење.
Стојкоски за наредните четири години најави уште три вакви објекти, со што општината ќе продолжи со посветена и одговорна реализација на проекти што носат вистински промени за децата, семејствата и иднината на Ѓорче Петров.






