Општина Ѓорче Петров продолжува со силен инвестициски циклус во образовната инфраструктура. Денес, во населбата Хром, беше поставен камен-темелник за доградба на ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“, во присуство на претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, претставници на локалната самоуправа, наставниот кадар, ученици и родители.
Со реализацијата на овој проект, училиштето ќе добие 8 нови училници и 770 метри квадратни нов училишен простор, со што значително ќе се подобрат условите за изведување на наставата и ќе се создадат можности за организирање на едносменска настава.
Ова е трето училиште во Општина Ѓорче Петров кое добива доградба во период од само еден месец, што претставува силен показател за посветеноста на општината кон унапредување на образованието и создавање современи услови за учениците и наставниците.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров истакна дека инвестициите во образованието се инвестиции во иднината на децата и во развојот на целата општина.
„Продолжуваме со силно темпо да вложуваме таму каде што најмногу вреди — во децата, во училиштата и во иднината на Ѓорче Петров. Доградбата на ООУ „Димитар Беровски“ е уште еден конкретен резултат од нашата посветеност да обезбедиме подобри, посовремени и поквалитетни услови за образование“, се наведува во изјавата.
Општина Ѓорче Петров останува фокусирана на реализација на капитални проекти во сите населени места, со посебен акцент на образованието, инфраструктурата и подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните. Работа, дела и резултати за секое населено место.


