Во Пензионерскиот дом во Општина Ѓорче Петров денеска се одржа показна вежба за постапување при пожар, со цел проверка на подготвеноста за итни ситуации, координацијата меѓу надлежните служби и процедурите за безбедна евакуација на повозрасните лица.

Вежбата се реализираше по повод Меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, под мотото „Отпорноста започнува дома“, со акцент на превенцијата и заштитата на граѓаните на кои им е потребна дополнителна поддршка.

Во вежбата учествуваа просторните сили за заштита и спасување на Општина Ѓорче Петров, Пожарната бригада на Град Скопје, Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Црвениот крст, Полициската станица од општа надлежност Ѓорче Петров и СВР Скопје, заедно со раководството и персоналот на Пензионерскиот дом. На настанот присуствуваа претставници на локалните и националните институции и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски ја истакна важноста на практичната подготовка и заедничкото дејствување на институциите.

-Безбедноста на нашите сограѓани е приоритет, а повозрасните лица заслужуваат особено внимание и грижа. Во итни ситуации секоја секунда е важна. Со ваквите вежби ја проверуваме подготвеноста, ги унапредуваме процедурите и ја зајакнуваме координацијата меѓу службите. Благодарност до сите учесници и до УНДП за партнерството и поддршката во градењето побезбедна и поотпорна општина – порача Стојкоски.

Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, нагласи дека отпорноста започнува дома, но се гради заеднички.

-Затоа е важно редовно да ги проверуваме процедурите, да ја подобруваме координацијата меѓу институциите и да бидеме сигурни дека секој може навремено и безбедно да биде евакуиран – изјави Григорјан.

Повозрасните лица се меѓу најранливите категории при катастрофи. Ограничената подвижност, здравствените состојби и потребата од помош при евакуација ја нагласуваат важноста на јасните процедури, обучениот персонал и навремената интервенција.

Целта е ваквите практични вежби да станат редовна практика и да придонесат за постојано унапредување на локалниот систем за заштита и спасување, затоа што навремената подготовка и добрата координација можат да спасат животи.

Share