Општина Ѓорче Петров, во соработка со ЕУ за чист воздух – проект финансиран од Европската Унија и имплементиран од UNOPS, успешно го унапреди системот за греење во ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“.

Со замената на досегашниот извор на енергија и оптимизацијата на системот за греење, емисиите на загадувачки супстанции од согорување се намалуваат до 98%, што директно придонесува за подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на потрошувачката на енергија и унапредување на условите за престој и работа во училиштето и спортската сала.

Во рамки на проектот е имплементиран современ бивалентен систем за греење со топлински пумпи (воздух-вода), кој овозможува автоматизирано и интелигентно управување со системот, прилагодувајќи ја неговата работа согласно надворешните температури. Дополнително, за оптимизација на внатрешната инсталација, поставени се термостатски вентили, со што се обезбедува рационална потрошувачка на енергија во согласност со реалните потреби на објектот.

Како дел од координираните активности, преку проектот „ЕУ за чист воздух“ извршена е замена на дотраените и енергетски неефикасни елементи во котларата, како и инсталација на современа термотехничка опрема во вредност од 145.000 американски долари.

Општина Ѓорче Петров учествуваше со инвестиција од 96.000 евра за набавка на топлински пумпи и зголемување на електричната моќност потребна за нивно функционирање.

Со оваа инвестиција, општината продолжува со имплементација на политики за одржлив развој, подобрување на квалитетот на живот и создавање здрави услови за идните генерации.

Општина Ѓорче Петров останува посветена на реализација на конкретни проекти кои носат долгорочни придобивки за граѓаните и животната средина.

Share