Општина Ѓорче Петров е домаќин на дводневен партнерски состанок на проектот UrbanGreenLeap, кој се спроведува во рамки на програмата Interreg Euro-MED. Проектот ги поврзува општините и стручните организации во заедничка работа на позелени, поотпорни и поквалитетни јавни простори.
На отворањето на состанокот, градоначалникот Александар Стојкоски ги поздрави партнерите и посочи дека растот на температурите, потребата од повеќе квалитетно зеленило и заштитата на биодиверзитетот бараат практични решенија во кои ќе бидат вклучени граѓаните.
-Нашата цел не е само да создадеме уште еден парк. Во Волково сакаме да создадеме мултифункционален, достапен и климатски отпорен јавен простор, развиен во соработка со експертите, локалните чинители и, пред се, граѓаните што ќе го користат – истакна Стојкоски.
Пилот-просторот во Волково е дел од поширокиот пристап на општината кон планирањето на зелената инфраструктура. Искуството од неговото уредување, учеството на граѓаните и изработката на Планот за урбана природа ќе послужат за подобро планирање и управување со зелените површини низ Ѓорче Петров.
Во проектот учествуваат десет партнери. Водечки партнер е Општина Цеље од Словенија, а покрај Општина Ѓорче Петров, партнери се IPoP – Институт за просторни политики од Словенија, Општина Јанина од Грција, Parkovi d.o.o. од Хрватска, Конзорциумот Oltrepò Mantovano и Ambiente Italia од Италија, Општина Будва од Црна Гора, CREAF од Шпанија и Универзитетот во Загреб – Факултет за шумарство и технологија на дрво од Хрватска.
Како асоцирани партнери учествуваат Здружението на урбани општини на Словенија, Општина Сузара, Град Вараждин и Покраината Мантува.
Општина Ѓорче Петров им се заблагодарува на сите партнери за досегашната соработка и за размената на знаење и искуства што ќе придонесат за реализација на пилот-проектот во Волково и за понатамошен развој на зелените површини во општината.























