Општина Ѓорче Петров беше домаќин на 40 учесници од Турција, Латвија, Романија и Македонија, кои се обединија околу заедничката цел, односно унапредување на заштитата на животната средина и создавање поодржливи заедници.

Во рамки на средбата, претставниците на Општината ги презентираа локалните проекти и активности насочени кон заштита на животната средина, зголемување на енергетската ефикасност и развој на одржливото земјоделство.

Преку интерактивни активности и заедничка работа, учесниците креираа еколошки кампањи, разменија искуства и добри практики и воспоставија нови можности за соработка меѓу четирите земји. Средбата претставува значаен чекор кон зајакнување на меѓународната соработка и поттикнување иницијативи за подобра и поздрава животна средина.

Посебно внимание привлече посетата на ботаничката градина во ООУ „Мирче Ацев“, каде што учесниците имаа можност да се запознаат со пример за практично еколошко образование. Оваа зелена училишна оаза е доказ дека знаењето за природата добива вистинска вредност кога се применува во практика, а еколошката свест се гради преку непосредна грижа, учење и личен пример.

Со ваквите иницијативи, Општина Ѓорче Петров ја потврдува својата заложба за унапредување на еколошките политики, размена на знаења и искуства и создавање нови партнерства кои придонесуваат за одржлив развој.

Share