По повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот, денес на споменикот во паркот во Ѓорче Петров со свечено одбележување беше оддадена почит на борците од Народноослободителната борба и на сите кои го положија својот живот за слободата на Република Македонија.

Овој ден не претставува само историски датум, туку траен потсетник на изборот меѓу слободата и стравот, достоинството и покорноста.

-Храбрите борци од Народноослободителната борба, водени од љубовта кон татковината и вербата во слободата, ја извојуваа победата над фашизмот и ги поставија темелите на современата македонска држава. Слободата и мирот се вредности кои бараат постојана одговорност и посветеност. Победата над фашизмот не е само дел од нашата историја, туку и наша обврска денес да изградиме држава во која ќе има правда, достоинство и надеж за младите генерации – рече во своето обраќање градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Да се сака Македонија, додаде, значи да се остане кога е тешко, да се работи кога е потребно и да се верува кога е неизвесно. Во обраќањето, Стојкоски посочи дека мирот и слободата не се подарок, туку вредности изградени врз жртва и одговорност, кои секоја генерација има обврска да ги чува и унапредува.

Посебен акцент беше ставен на младите генерации, со порака дека денешната борба не се води со оружје, туку со знаење, чесност, карактер и храброст да се спротивстават на неправдата и да придонесуваат за подобро општество.

На крајот беше изразена длабока почит кон сите херои кои се бореа за слободата, со порака дека сеќавањето на нивната жртва мора да остане траен поттик за градење достоинствена, праведна и слободна држава.

Share