Како што соопшти градоначалникот Александар Стојкоски, станува збор за значаен инфраструктурен зафат во областа на предучилишната заштита, чија цел е обезбедување современи и безбедни услови за згрижување на децата.
„Новата градинка не е само објект, туку инвестиција во иднината. Со нејзината изградба создаваме простор кој ќе одговори на потребите на семејствата од овој дел на општината, со фокус на безбедност, енергетска ефикасност и квалитетни услови за престој и развој на најмладите“, изјави Стојкоски.
Од Општината посочуваат дека објектот ќе биде изграден согласно современи стандарди, со функционални и модерно опремени простории, како и со уреден дворен простор што ќе овозможи безбедна игра и престој на отворено.
Со реализацијата на овој проект, локалната самоуправа продолжува со вложувања во образовната и социјалната инфраструктура, со што, како што наведуваат, се одговара на реалните потреби на граѓаните и се создаваат предуслови за поквалитетен живот во општината.
Проектот е дел од пошироките напори на Општина Ѓорче Петров за унапредување на условите за децата и младите, со јасна насоченост кон долгорочен и одржлив развој.




