Општина Ѓорче Петров воведува зголемена финансиска поддршка за секое новородено дете. Од оваа година, секое семејство ќе добива 8.000 денари еднократна финансиска помош, како конкретна поддршка во најубавите, но и најодговорни моменти од родителството.

Со оваа мерка, Општината испраќа јасна порака за посветеност кон семејството, децата и демографскиот развој, како и континуирана грижа за младите брачни парови кои ја градат својата иднина во Ѓорче Петров.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека оваа одлука е дел од пошироката визија за зајакнување на семејството како темел на локалната заедница:

„Секое новородено дете е нов почеток, надеж и наша заедничка одговорност. Со оваа зголемена финансиска поддршка испраќаме јасна порака дека стоиме зад младите семејства и дека инвестираме во животот од самиот почеток. Грижата за децата не е трошок, туку највредната инвестиција во иднината на нашата општина.“

Финансиската поддршка од 8.000 денари претставува директна помош за родителите, но и симбол на општинска политика насочена кон создавање сигурна, стабилна и охрабрувачка средина за раст, развој и достоинствено детство.

Општина Ѓорче Петров останува посветена на креирање одговорни, одржливи и човечки политики, со кои децата, семејството и заедницата се во центарот на вниманието.

Share