Денеска официјално започна реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни и образовни проекти во Општина Ѓорче Петров – доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во Волково.

На означувањето на почетокот на градежните активности присуствуваше претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски, заедно со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и претставници на училиштето.

Проектот има особено значење, бидејќи се реализира во година кога училиштето одбележува 80 години постоење и воспитно-образовна дејност во Општина Ѓорче Петров.

-Ова не е само доградба на училиште, туку инвестиција во иднината на нашите деца и во развојот на целата општина. Со овој проект создаваме современи услови за образование, подобра организација на наставата и достоинствен простор за учениците и наставниот кадар. Особено сме горди што токму во годината кога училиштето одбележува 80 години постоење започнуваме проект кој претставува продолжување на просветителската мисија на Јоаким Крчоски – изјави градоначалникот Александар Стојкоски.

Со проектот е предвидена изградба на нов училишен објект со катност Подрум (сутерен) + Приземје + 1 кат, со вкупна бруто површина од 541 м², односно 612 м² со подрумскиот дел.

Во рамки на доградбата ќе бидат изградени 8 нови училници, санитарни јазли, комуникациски ходници, скалишен простор, технички простории,
помошни излези, топла врска со постојниот училишен објект и идно функционално поврзување со спортската сала. Со сето ова, училиштето добива и можност за одржување на едносменска настава.

Проектот е вреден 41.882.194 денари со вклучен ДДВ. Инвеститор е Општина Ѓорче Петров, со финансиска поддршка преку програмата за користење средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на образованието и науката за 2025 година. Рокот за реализација на проектот е 12 месеци.

Share