На дневниот ред на 15. седница на Советот на Општина Ѓорче Петров се најдоа повеќе значајни предлог-одлуки насочени кон унапредување на квалитетот на живот на граѓаните, подобрување на инфраструктурата и создавање побезбедна средина за најмладите.
Формирање Општински совет за превенција на детско престапништво
Со предлогот за формирање Општински совет за превенција на детско престапништво се воспоставува основа за посилна меѓуинституционална координација и заедничко дејствување во насока на превенција на детското престапништво. Целта е навремено препознавање и справување со ризиците, обезбедување соодветна поддршка за децата и семејствата, како и создавање побезбедни услови за правилен раст и развој на децата.
Изградба на атмосферска и фекална канализација во Ново Село
Предвидено е сопствено учество на Општината и одобрување финансиски средства за реализација на првата фаза од проектот за изградба на атмосферска и фекална канализација во населбата Ново Село, опфатена со ДУП СЗ 03. Реализацијата на овој проект ќе придонесе за подобро одведување на атмосферските и отпадните води, намалување на ризикот од поплавување и подобрување на комуналната инфраструктура и условите за живот на жителите.
Меѓуопштинска соработка со Град Скопје за подобрување на уличната инфраструктура
На седницата се разгледува и предлог за воспоставување меѓуопштинска соработка со Град Скопје, која опфаќа изградба, реконструкција, санација и асфалтирање на улици на територијата на Општина Ѓорче Петров. Преку здружување на финансиските и институционалните капацитети се создаваат услови за поефикасна реализација на инфраструктурните проекти и решавање на приоритетните потреби на граѓаните.
Со овие предлог-одлуки Општина Ѓорче Петров продолжува да ги насочува своите активности кон приоритетите на граѓаните, преку унапредување на безбедноста, подобрување на комуналната и сообраќајната инфраструктура и зајакнување на институционалната соработка.













