Општина Ѓорче Петров континуирано вложува во создавање можности за развој на културните вредности, креативноста и талентите кај младите, препознавајќи ја нивната улога во градењето на едно современо и културно општество.

Во рамки на овие активности, учениците од општинските основни училишта ООУ „Мирче Ацев“ и ООУ „Страшо Пинџур“ учествуваа во креативни филмски работилници во Кинотеката на Македонија, каде имаа можност одблиску да се запознаат со светот на филмската уметност, да ги истражуваат своите креативни способности и да стекнат нови знаења и искуства.

Работилниците беа организирани од „Кино Балкан“, во соработка со Општина Ѓорче Петров, а се реализираа под менторство на Саша Станишиќ, Дамјана Пачева, Александар Трајковски и Тихомир Кашмицовски.

Општина Ѓорче Петров упатува благодарност до организаторите, менторите, училиштата и сите ученици кои со своето учество, интерес и креативност придонесоа за успешна реализација на овие работилници.

Поддршката на културата, уметноста и младите останува важен дел од заложбите на Општина Ѓорче Петров. Инвестирањето во креативноста на најмладите значи отворање нови можности, поттикнување на талентите и создавање генерации кои активно ќе придонесуваат во културниот живот на заедницата.

Share