Во Општина Ѓорче Петров конституиран е Општинскиот совет за превенција од детско престапништво, со учество на претставници од сите релевантни институции. Со неговото формирање се зајакнува институционалната соработка за навремено препознавање на ризиците, превентивно дејствување и обезбедување поддршка за децата и нивните семејства.

За претседател на Советот е избран д-р Игор Јуруков, а за негов заменик д-р Ламбе Крстевски. Работата на Советот ќе биде насочена кон унапредување на координацијата меѓу надлежните институции, училиштата и родителите, со цел создавање побезбедна и поподдржувачка средина за раст и развој на децата. Посебен акцент ќе биде ставен на превенцијата и навремената грижа, преку заеднички пристап кон предизвиците со кои се соочуваат младите.

-Безбедноста на децата е наша заедничка одговорност. Како градоначалник, верувам дека превенцијата започнува со внимание, доверба и навремена грижа. Секое дете заслужува да биде слушнато, разбрано и заштитено – истакна градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Градоначалникот упати благодарност до членовите на Советот за подготвеноста да придонесат, нагласувајќи дека успешната превенција бара континуирана соработка, посветеност и активно вклучување на сите засегнати страни.

Општина Ѓорче Петров останува посветена на градењето заедница во која секое дете ќе има поддршка да расте безбедно и да го оствари својот потенцијал.

Share