Општина Ѓорче Петров воведува нова мерка за поддршка на младите семејства, со цел да им го олесни патот до изградба на сопствен дом и да ги поттикне младите својата иднина да ја градат токму во општината.

Советот на Општина Ѓорче Петров донесе одлука со која се предвидува 100% ослободување од општинскиот дел од комуналиите за изградба на прва семејна куќа, наменета за сопствено домување.

Со оваа мерка ќе бидат опфатени брачни парови кај кои најмалку еден од сопружниците е на возраст до 40 години, како и самохрани родители на иста возраст.

Право на ослободување ќе имаат семејствата кои планираат изградба на прва семејна куќа со една станбена единица и вкупна бруто-површина до 120 квадратни метри, под услов ниту еден од сопружниците, односно самохраниот родител, да нема друга станбена недвижност во сопственост или сосопственост.

Поддршката ќе се однесува на целата територија на Општина Ѓорче Петров, опфаќајќи ги и урбаните и руралните населени места.

Со оваа одлука, локалната самоуправа испраќа јасна порака дека грижата за младите и создавањето услови за нивна сигурна иднина остануваат меѓу приоритетите на општината.

Целта е да се намалат финансиските оптоварувања при изградбата на првиот семеен дом, да се поттикне создавањето нови семејства и да се овозможи младите полесно да го реализираат еден од најважните животни чекори – создавањето сопствен дом во Ѓорче Петров.

Share