Објавен конкурс за Годишна награда „Ѓорче Петров“ во 2023 година

Општина Ѓорче Петров објави конкурс за доделување Годишна награда „Ѓорче Петров“ во 2023 година. Наградата се доделува на физички и правни лица од општината како знак на општествено признание за особени остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, спортот, воспитанието и образованието, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други области на трудот и творештвото од значење за развојот на Општината и нејзината афирмација во Република Македонија и во светот.

На ученици и студенти наградата се доделува за творечки труд или континуирани успешни резултати во наставните и воннаставните активности.

Наградата се доделува за остварување во изминатиот период од една година до објавувањето на конкурсот, како и за подолг изминат период на работно и творечко ангажирање.

За поединци, група творци, ученици и студенти, наградата се состои од признание, плакета и паричен износ. Наградата за правни лица се состои од признание и плакета.

Право на предлагање кандидати за награда имаат правни и физички лица со седиште, односно живеалиште на подрачјето на Општина Ѓорче Петров.

Предлогот за награда треба да биде детално образложен, а за кандидатите поединци да содржи и биографија. Потребно е заинтересираните да ги наведат и својот полн назив, адреса и телефон.

Кон предлогот за доделување на награда за печатени дела се приложуваат и два (2) примерока од делото. Конкурсот трае 15 дена од објавувањето, заклучно со 31.08.2023 година.

Предлозите се поднесуваат во два примероци до Комисијата за награди и признанија на Советот на Општина Ѓорче Петров, ул.„Ѓорче Петров“ бр.22 – Скопје.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *