Г-дин. Александар Стојкоски

Д-р Александар Стојкоски – кандидат на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Обнова на Македонија“, победи во првиот круг на локалните избори за градоначалник на Општина Ѓорче Петров, одржани на 17 октомври, 2021 година,  и притоа  обезбеди четиригодишен мандат на оваа функција.

На функцијата градоначалник на Општина Ѓорче Петров, доаѓа од ЈЗУ Универзитетски Институт за Радиологија каде што работел како специјалист радиолог и асистент – докторанд на Медицинскиот факултет по предметот Радиологија, Универзитет„Св. Кирил и Методиј”, Скопје.

Своето основно образование го завршува во основното училиште „Страшо Пинџур“. Средно образование има завршено во „Раде Јовчевски Корчагин”. Дипломирал на Медицинскиот Факултет во Скопје во декември 2007 година. По дипломирањето, во 2008 година се запишал на специјализација по радиологија. Во периодот од септември 2012 до ноември 2012 престојува на Универзитетот во Мичиген – САД усовршувајќи се во областа на радиологијата.  Како лекар специјалист радиолог работи од 2013 година,а во 2020 запишува докторски студии ( трет циклус) на Медицинскиот Факултет – Скопје.

Во периодот од  април 2009 до мај 2014 година, Д-р Александар Стојкоски ја извршува функцијата Претседател на совет на Општина Ѓорче Петров.

Во периодот од мај 2014 до декември 2016 година ја извршува функцијата пратеник во Собрание на Република Македонија.

Воден од принципите на својата професија: хуманост, неселективност и еднаков пристап кон проблемите на секој поединец, негова заложба е Ѓорче Петров да стане организирана и модерна урбана општина, но и хумана животна средина, во која сите жители врз целосно рамноправна основа ќе ги остварат своите права и за себе и за своите семејства ќе обезбедат достоинствен, пристоен и просперитетен живот. Ефикасноста и ефективноста на услугите, квалитетот  на живеење преку развој на модерно и современо образование, грижата за здравјето, како и заштита и развој на здрава животна средина низ целата општина да бидат втемелени во работењето на Општина Ѓорче Петров.

Д-р Александар Стојкоски е  посветен татко на две деца, своето слободно време најчесто го поминува во природа со своето семејство, води активен  и здрав живот и ужива во планинарење и пешачење .