Најпрво да го спомнеме храмот “Св.Апостоли Петар и Павле”, што се наоѓа во населбата Ѓорче Петров, како соборен храм на верници од Општина Ѓорче Петров и на дел од Општина Карпош (Влае). Овој храм е првично изграден и осветен летото 1974 година на храмовиот празник – Петровден. Но заради лошата изведба и несоодветниот изглед, се јави потреба за негово реконструирање. Конечно во летото 2002 година Храмот беше реконструиран. Новиот изглед на грамот е со византиско-старомакедонски стил, со фасада изработена од камен и со нови 4 куполи. Сегашниот изглед на храмот “Св.Апостоли Петар и Павле” – Ѓорче Петров е уште еден бисер во македонската духовна архитектура.

 Во населбата Оризари во исто време, во 2002 година беше изградена црквата “Св.Атанасиј Велики” од рацете на истите мајстори, со ист стил, но во помали размери.

 Над с.Ново Село постои црква посветена на “Св.Архангел Гаврил”,  изградена при крајот на 20-ттиот век.

 Во с. Волково во ист двор постојат црквите “Св.Атанасиј Велики” и “Св.Петка”, исто изградени во 20-ттиот  век.

 Во месноста Стопански Двор има манастир, во чија што внатрешност извира минерална вода, а се нарекува “Пресвета Богородица”.

 Во с.Орман има црква со име “Св 40 маченици во Севастија “(Младенци)”, што е една од ретките цркви во Македонија, посветен на овој христијански празник.

 Селото Кучково изобилува со манастири, цркви и параклиси. Секако најзнаменит, но и најстар манастир во целата територија на Општина Ѓорче Петров, е манастирот“Св.Георгиј Победоносец”. Впечатливо е фрескното-сликарство на ѕидовите од црквата. 

 Во самото село Кучково постои црквата“Св.Спас-Вознесение Христово” изградена меѓу 17-от и 18-от век, а реновирана по Балканските војни, 1912/13 година. Над селото, со прекрасен поглед врз Скопје и Скопската котлина, се наоѓа манастирот “Св.Великомаченик Трифун”, изграден во 19-от век. Во околината на селото постои и црква“Св.Петка”. Исто така, под селото од неговата десна страна во поново време се направени повеќе параклиси посветени на разни Светители.