Во рамки на проектот “Пилот интервенции за третман на отпадни води и управување со цврст отпад во прекуграничниот регион” денеска делегација од Косово изврши мониторинг посета во Општина Ѓорче Петров со цел следење на напредокот постигнат со проектот.
Присуствуваа тимови од двете страни кои по средбата во Општината остварија теренска посета на локацијата во с.Орман каде стартуваше со изградба станицата за третман на отпадни води и фекален колектор.
Најзначајната инвестиција во рамки на проектот е изградба на станица за третман на отпадни води и колектор во должина од 633,33m’ во с.Орман. Изградбата на колекторот е завршена во рекордно време, а во моментов на локацијата во тек е изградба на бетонска основа за поставување на монтажната станица за третман на отпадни води со капацитет од 1.200 жители. Поставувањето и приклучувањето на колекторот е предвидено за септември.
Истовремено, од исклучително значење е и изработката на стратешкиот документ ЛЕАП на Општина Ѓорче Петров. Работните групи од 5-те медиуми ги реализираа сите работилници, а во моментов експертите работат на финализирање на драфт-верзијата на ЛЕАП-от, чија јавна презентација е планирана во август.
Општина Ѓорче Петров во партнерство со општина Ново Брдо од Косово е во осумнаесеттиот од предвидените 22 месеци имплементација на проектот кој се финансира од програмата за прекугранична соработка на Европската Унија.
Главната цел е надминување на недостиг од основни јавни услуги – пристап до еколошки системи за канализација и третман на отпадни води во с.Орман, како и целосна заштита и унапредување на животната средина.
Со овој значаен проект и со изградба на нова канализациона мрежа во овој дел на Ѓорче Петров ќе се реши долгорочниот проблем на локалните жители и конечно с.Орман ќе се урбанизира.
Вкупниот износ на инвестицијата за Општина Ѓорче Петров изнесува 330.180,10 ЕУР од кои 23% кофинансира општина Ѓорче Петров од сопствени средства.