Бројни делегации денеска се собраа пред споменикот на Ѓорче Петров во реонскиот парк да му оддадат почит со положување цвеќе на патронот на општината по повод 102 години од неговата смрт.
На манифестацијата цвеќе положи и општинска делегација предводена од градоначалникот, Александар Стојкоски.
-Македонските јунаци имаат само датуми на раѓање. Големиот Ѓорче Петров, еден од храбрите синови коj го чуваме од заборав, потсетувајќи се секоја година на овој ден на неговите храбри подвизи, остави длабок траг во нашата историја. Траг за храбро јунаштво, непокорливост, храброст и љубов кон својата земја – рече Стојкоски во своето обраќање.
Патронот на нашата општина кој со гордост го споменуваме, лидерот Ѓорче Петров на денешен ден пред 102 години го загуби животот во атентат во Софија.
-Македонската држава на 28 јуни 1921 година изгуби уште еден неуморен борец за слободна земја, затоа што некому му пречеше неговата непроменливост во застапувањето на македонската иделогија. Но, пушка не менува историја и факти – нагласи Стојкоски.
Благодарение на оние кои го трасираа патот низ историските страници, додаде, ние денеска живееме во мир и просперитет.
-Како локална единица напорно работиме и ќе продолжиме да работиме во насока да им обезбедиме на нашите жители добри услови за живот и да ја реализираме Општина Ѓорче Петров како една модерна и урбана средина. Нашата цел е задоволни граѓани и со сите ресурси со кои располагаме ќе продолжиме кон правецот на успехот. Вечно нека е делото на Ѓорче Петров и вечен нека е споменот за големиот револуционер. Да живее слободна Република Македонија – подвлече Стојкоски.