На иницијатива на градоначалникот Александар Стојкоски, Општина Ѓорче Петров на денешната седница на Советот донесе итна одлука за финансиска помош од 300.000 денари за Општина Делчево, подрачје кое синоќа беше зафатено со поплави по силното невреме во тој регион.
Итната точка на дневен ред беше поддржана од мнозинството советници предводени од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и истовремено оценета од народните локални избраници како одлична во моменти кога неопходна е помош за локалното население.
-Општина Ѓорче Петров е првата скопска општина која експресно донесе одлука за помош на погоденото подрачје. Солидарноста е синоним за Ѓорче Петров, а покажувањето хуманост во вакви тешки моменти е големина на големите. Ние сме секогаш на страна на најголемата човечка особина и доблеста на еден поединец или колектив. Без разлика на партиска, верска или било каква друга разлика, во моменти на вакви непогоди, наша морална должност е на било каков начин да им помогнеме на нашите колеги – изјави Стојкоски.
Истовремено, тој изрази и благодарност до сите градоначалници и тимови од други општини кои на било каков начин учествуваат во помош на погоденото подрачје.
-Големината на човештвото не е во тоа да се биде човек, туку да се биде хуман. Не смееме да ја заборавиме верноста во хуманоста која е човечка етика. Општина Ѓорче Петров секогаш ќе застане на страна на добрите дела и подвизи. Нашата парола е „модерно, урбано и хумано“ и тоа никогаш не смееме да го заборавиме – нагласи Стојкоски.