Над 350 ученици ќе ги одмерат спортските сили во рамки на училишните спортски лиги кои стартуваа денеска во салата на ООУ „Тихомир Милошевски“, проект финансиран од општина Ѓорче Петров.
Учество земаа деца од сите шест општински училишта кои ќе се натпреваруваат во повеќе спортови, но и во забавен и рекреативен спорт. Во спортските активности се вклучија и наставниците од предметна и одделенска настава.
Настанот го отвори градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски кој истакна дека спортистите од Ѓорче Петров се надалеку познати. На светските терени, додаде, наши спортски амбасадори се многу имиња што е доказ за непрекината работа во насока на спортско Ѓорче.
-Спортот е одличен за ран психо-физички развој кај децата. На долг рок, тоа ќе донесе здрави генерации, научени на дисциплина, тимска игра, и најважно, генерации што ќе знаат да делат победа, но да поднесат и пораз. Затоа што, животот носи многу победи, но и порази, и многу е важно да знаеме да се носиме со нив – нагласи Стојкоски.
Во таа насока, подвлече, општина Ѓорче Петров и во иднина ќе го поддржува спортот со многу повеќе средства, но и со инфраструктурни чекори кои ќе донесат подобрување на условите за спортување.