На денешната 55та седница на Советот на Општина Ѓорче Петров, за нов претседател на Советот беше избран Славчо Мисајлески – советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој во моментот го реализира својот втор мандат во локалниот советнички состав.
Мисајлески е познат по својата досегашна посветеност и активна улога во советничката работа, а со новата функција ќе го преземе раководењето со највисокиот општински орган на одлучување.
По повод изборот, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна:
„Верувам дека Славчо Мисајлески ќе го вложи целиот свој капацитет, искуство и енергија во интерес на граѓаните и во насока на уште поефикасна и одговорна работа на Советот. Му го честитам изборот и му посакувам успешна и конструктивна работа.“
Покрај изборот на нов претседател, Советот доби и нов член – Бранкица Дукоски од урбаната заедница Хром, исто така од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Таа на денешната седница положи заклетва и официјално го започна својот мандат како дел од советничкиот тим.
Градоначалникот Стојкоски искажа поддршка и за нејзиниот избор:
„Со вклучувањето на Бранкица Дукоски, жителите на Хром добиваат автентичен и посветен претставник кој доследно ќе ги застапува нивните интереси. Ѝ посакувам успешна и продуктивна работа во Советот.“
Новото раководство на Советот веќе стапува на функција, а следната работна седница се очекува наскоро, со засилено темпо за реализација на локалните политики и проекти.
