Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и  министерот за спорт, Борко Ристовски денеска официјално го пуштија во употреба комплетно реконструираниот повеќенаменски спортски центар во рамки на ООУ „Тихомир Милошевски“ во Ѓорче Петров.

Новиот спортски центар располага со фудбалско игралиште, игралиште за кошарка со современа полипропиленска подлога, како и зона за рекреација опремена со спортски реквизити.

Овој проект претставува уште еден значаен чекор во рамки на програмата на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортска инфраструктура низ целата држава, со јасна цел – спортот да биде достапен секаде и за сите.

-Продолжуваме со реализација на проекти што создаваат подобри услови за спорт и рекреација во сите населени места. Спортот е најдобрата инвестиција во здрави генерации и сплотена заедница – рече градоначалникот Стојкоски.

Нашата цел, како што рече министерот Ристовски, е секое дете, секој млад спортист и секој граѓанин да имаат можност да тренираат и да се рекреираат во современи услови.

-Со овие вложувања не градиме само спортски објекти, туку градиме и здрави навики, заедништво и идни шампиони – изјави министерот Ристовски.

Просторот ќе биде наменет пред се за учениците од училиштето, но и за локалните спортски клубови и граѓаните на општината.

Share