Од градоначалникот на Општина Ѓорче Петров
Почитувани граѓани, медиуми, институции,
Во последниот период, сведоци сме на сериозни и крајно неосновани тврдења изнесени од страна на градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, со кои се обидува да предизвика паника, несигурност и сомнеж кај јавноста околу урбанистките процеси и планови на територијата на Општина Ѓорче Петров.
Најодговорно, пред целата македонска јавност, изјавувам дека на територијата на нашата општина не постои ниту една локација на која е предвидена, ниту ќе се дозволи, изградба на објекти од тешка индустрија, а уште помалку – таканаречени „хемиски фабрики“, како што таа тенденциозно наведува.
Нејзината реторика е обид за свесно извртување на фактите со цел да се наметне лажна слика и политичка конфузија. Ги повикувам сите институции, граѓани и медиуми да ја погледнат реалната слика:
На локацијата за која се прават шпекулации, постои постоечки објект со намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија, согласно важечкиот Генерален урбанистички план на Град Скопје, кој и самата градоначалничка има обврска да го почитува.
Објектот поседува сопствена пречистителна станица, под постојан надзор на Министерството за животна средина и сите релевантни државни органи. До денес нема ниту една еколошка забелешка или проблем. Напротив, тој ги надминува и најстрогите еколошки нормативи пропишани со нашите закони.
Дополнително, со новиот детален урбанистички план што го усвоивме, три и пол пати е намалена површината со намена за индустрија, во споредба со претходниот план. Тоа е податок што граѓаните мора да го знаат, бидејќи вистината е дека токму нашите одлуки одат во насока на заштита на животната средина и балансиран урбан развој.
Очигледна е немоќта и неуспехот во работата на градската власт, што резултира со оваа низа на напади, манипулации и неосновани обвинувања.
Од поставување над министерства и инспекторати, сега гледаме обид за наметнување и над одлуките на Уставниот суд, кој веќе донесе јасна одлука дека општина Ѓорче Петров не донела ниту еден противзаконски акт – иницијативата на г-ѓа Арсовска беше целосно отфрлена.
Јавноста заслужува одговорно водење, а не евтин политички театар. Ѓорче Петров ќе продолжи да се развива транспарентно, без притисоци, со посветеност на граѓаните и во рамки на законот.
Со почит,
Александар Стојкоски
Градоначалник на Општина Ѓорче Петров